Богов се повлече – Бежоска нов кандидат за гувернер

Пет дена пред истекот на седум годишниот мандат, актуелниот шеф на Централната Банка, Димитар Богов ја повлече кандидатурата за реизбор на функцијата гувернер. Во писмо испратено до претседателот Иванов тој објаснува дека на ваквиот потег се решил поради реакциите во јавноста и роковите за избор на гувернер. Централкната банка не смее да се остави без гуверенер, напиша Богов.

„Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во РМ, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив Претседателот на РМ. Верувам дека во периодот што претстои ќе се изнајде решение и во најскоро време ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на НБРМ, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка, кажа Димитар Богов – гувернер на НБРМ.

По повлекувањето на Богов, претседателот Иванов до Собранието веднаш достави нов предлог за гувернер. Овој пат негов избор е Анита Ангелоска – Бежоска, актуелен вицегувернер на НБРМ.

„Претседателот Иванов смета дека д-р Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на НБРМ е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија, соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов.

Дали новиот предлог на Иванов ќе биде прифатлив за владеачкото мнозинство или ќе се фаворизира предлогот на ДУИ во гувернерското столче да седне Фатмир бесими ќе се знае во следниве денови. Мандатот на Богов завршува во недела на 20-ти мај но од парламентот нема најави дали точката за избор на нов гувернер ќе се најде на дневен ред на собраниската седница веќе на 21 мај.

Анита Ангеловска Бежоска 8 години е вицегувернер задолжен за монетарна политика, истражување и статистика. Таа на предлог на Богов минатата година беше реизбрана на вицегувернер, а претходно беше главен економист во НБРМ, била ангажирана во ММФ во Вашингтон, работела на повеќе позиции во Министерство за финансии, а со титулата доктор на науки на економскиот факултет во Љубљана се стекнува во 2015 година, со темата: Координација на монетарната и фискалната политика во РМ.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ