Берни Сандерс претстави капитален план за борба против климатските промени

Демократскиот претседателски кандидат, Берни Сандерс, ја промовираше својата стратегија за климатски промени вредна 160 милиони милијарди долари (16 трилиони долари) за време на турнејата низ северна Калифорнија.

Според планот, Сандерс би иницирал деценија на т.н. Green New Deal, 10-годишна федерална мобилизација која климатските промени би ги земала предвид во секоја политичка акција, од миграцијата до надворешната политика, со ветување дека од ваквиот начин на дејствување ќе произлезат 20 милиони работни места.

САД целата електрична енергија би ја произведувале од обновливи извори до 2030 година, односно би постигнале целосна „декрабонизација“ до 2050 година.

„Масовно ќе инвестираме во енергијата од ветрот, соларната и другите видови на одржлива енергија“, изјави Сандерс пред насобраната толпа од околу 5.000 луѓе, која со воодушевување го поздрави.

Сандерс во говорот ги обвини нафтените компании дека се подготвени да ја уништат планетата за нивните краткорочни профити.

„Не можеме да го свртиме грбот пред оваа криза“, рече тој. „Ние мора да го водиме целиот свет во нова енергетска насока“, додаде Сандерс.

Неговата стратегија опфаќа десетици стратешки планови за Соединетите држави бескомпромисно да ги напуштат фосилните горива при производството на електрична енергија, во транспортот и во градежниот сектор.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ