Березовски во Скопје, ќе свири и ќе диригира

 

Рускиот виртуоз на пијаното и еден од најбараните солисти на денешнината, Борис Березовски, ќе настапи во Скопје на два концерти. Првиот,  ќе се одржи на 29 мај, во Камерната сала на Филхармонијата, во 20 часот. Ова ќе биде рецитал на Березовски, со изведби на дела од Шуман -„Пијано квинтет во Es-dur, оп. 44“, Балакирјев -„Исламеј“ оп. 18 и Григ- „ 6 Лирски пиеси оп. 54 од Книга 5“. На рециталот, заедно со Березовски, ќе настапат и македонските музички уметници: Ана Кондратенко – виолина, Владимир Костов – виолина, Бојан Талески – виола и Александар Котевски – виолончело. А следниот ден, на 30 мај, со почеток во 20 часот, Березовски ќе настапи како солист со Македонската филхармонија, на симфониски концерт под наслов „Кодот на Березовски“. Рускиот волшебник на пијаното ќе изведе два концерти за пијано и оркестар едноподруго, на кои и ќе биде диригент – Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев и Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Дмитриј Шостакович. Истата вечер ќе биде изведена и „Симфонија бр. во 2“ од Александар Бородин, под диригентство на младиот Виктор Митревски, кој годиниве наназад кариерата ја гради на европските музички подиуми. Борис Березовски во ноември 2017 го имаше својот прв настап со Македонската филхармонија, во Скопје. 

Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и во светот. Музичката критика е едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката што ја изведува. Студиите ги завршил на Конзерваториумот „Чајковски“, во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршувал со Александар Сац. По неговото деби во лондонскиот „Вигмор хол“, во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. По две години, тој ги докажува своите квалитети на престижниот конкурс „Чајковски“ во Москва, каде што освоил златен медал. Оттогаш настапува со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, со диригенти како што се Курт Мазур, Владимир Ашкенази, Михаил Плетњов, Дмитри Китаенко, Антонио Папано, Густаво Дудамел…  Со рецитали и како камерен музичар, Борис Березовски настапува редовно на пијано-сериите на Берлинската филхармонија, на пијано-сериите на амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал фестивал хол“ во Лондон, на фестивалот „Вербие“ или фестивалот „Ла рок д‘Антерон“.  Березовски соработува со истакнати музичари како што се Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшиков… Зад него се бројни аудиозаписи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел, а меѓу нив се и носачи на звук што ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен, во изведба на Шведскиот камерен оркестар, под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со диригентот Дмитри Лис, или сите трансцендентални етиди на Франц Лист.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ