Белорусија и Србија на отворањето на ЕП

На првиот ден од Европското првенство во ракомет се играат мечевите во А групата и токму овие два дуели ќе можете да ги следите низ директен пренос на програмата на Телма.

Во првиот меч од 18 часот и 15 минути во Грац се среќаваат Белорусија и Србија, а според квалитетот на тимовите токму овој натпревар би требало да решава која од овие две селекции ќе се пласира во следната фаза со оглед на фактот дека Хрватска важи за неприкосновен фаворит за првото место.

Белорусите во подготвителниот период одиграа три натпревари на кои забележаа исто толку победи во соочувањата со Полска, која беше домаќин на турнирот, а совладани беа и Б селекцијата на Шпанија и репрезентацијата на Обединетите Арапски Емирати.

На спротивната страна Србија во пресрет на Европското првенство доживеа два порази во мечевите со Франција и Норвешка, а претходно имаше половичен учинок во двете соочувања со Египет.

На последните две првенства Белорусија настапот го заврши на 10-тото место додека Србија по среброто во 2012 следуваа пласмани под 12-тата позиција.

Двете селекции до овој момент на големите натпреварувања се соочиле четири пати. Белорусија се радувале на две победи, Србија има еден триумф, а еден меч завршил без победник.

Во вториот натпревар во Грац од 20 часот и 30 минути Хрватска игра против Црна Гора, која во пресрет на шампионатот има големи проблеми со составувањето на екипата. Хрватите посакуваат злато на овој шампионат со што би ја комплетирале колекцијата на најсјајни одличја на големите натпреварувања. Во подготвителниот период избраниците на Лино Червар не блескаа, но сепак се очекува токму тука да блеснат во полн сјај.

Во контролните мечеви пред стартот на првенството не воодушевија ниту Црногорците. Порази во дуелите со Словенија и Македонија, а фактот дека во тимот нема неколку клучни играчи ја промовираат Хрватска во апсолутен фаворит за победа.

Во меѓусебните соочувања Хрватите во четири натпревари имаат три победи, а еднаш на триумф се радувала Хрватска.

Двата натпревари денеска ќе можете да ги следите низ директен пренос на програмата на Телма.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ