Белата куќа нема да соработува со истрагата за импичмент

Белата куќа официјално соопшти дека одбива да соработува со истрагата за импичмент на Претседателот Доналд Трамп.

Во писмото испратено до лидерите на Демократската партија во Конгресот се подвлекува дека истрагата за импичмент е неоснована и уставно неважечка.

Три конгресни комисии, предводени од претставници на демократите ја водат истрагата против Трамп а нејзината цел е да се утврди дали тој го блокирал доставувањето воена помош за Украина во обид да изврши притисок врз претседателот Зеленски да поведе истрага против поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден, кој е во трката за освојување на номинацијата на Демократската партија.

Писмото на Белата Куќа беше објавено истиот ден кога администрацијата на Трамп му забрани и на американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондланд, да сведочи зад затворени врати во истрагата за импичмент на Трамп.

Ова е дел од тоа што го гледаме како главната стратегија на Белата Куќа, односно да се обидат да ги блокираат сите информации од администрацијата кон Капитол Хил (Конгресот). Документите, интервјуата со луѓето кои се дел од администрацијата. Ова е администрација која тврди дека нема што да крие од законодавците но истовремено не сака тие да видат или слушнат било што за истрагата за импичмент.

Во писмото на правниот советник на Белата Куќа, Пет Чиполони, лидерите на демократите во Конгресот се обвинуваат дека водат истрага која ја нарушува уставно загарантираната правна процедура за тој процес. Демократите се обвинуваат дека се обидуваат да го сменат резултатот од изборите од 2016-тата година. За да ги исполни своите должности кон американскиот народ, Трамп и неговата администрација не можат да учествуваат во вашата партиска и неуставна истрага, заклучува Чиполони.

Спикерот на претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го опиша писмото на Белата Куќа, како целосно погрешно и го обвини Трамп дека се обидува да го нормализира безаконието.

Господине Трамп, вие не сте над законот. Ќе понесете одговорност, порача Пелоси.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ