Се урна Цесна кај Солунска Глава, загинати сите четворица патници

Малиот авион од типот Цесна П210Н кој попладнево беше изгубен од радарскиот систем се урнал кај Солунска Глава. Остатоците од авионот како и телата на четирите патници, бугарски државјани беа пронајдени од двата хеликопрети и спасувачките екипи на Министерството за внатрешни работи. Од Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кој ги презема активностите по пронаоѓањето на авионот ни изјавија дека леталото паднало на непристапен терен, на над 2.000 метри надморска висина во многу лоши временски услови. Претседателот на Комитетот Зоран Илиевски за Телма рече дека на Солунска глава и реонот каде паднал авионот има 50 сантиметри снег и се уште продолжува да паѓа, поради што е отежнат пристапот.

Комитетот ги анализира сите податоци од контролата на летање и другите служби, по што ќе оцени кога ќе се создадат услови да се оди на терен. Четирите жртви се маж, жена и две деца но нема официјална потврда дали станува збор за семејство иако бугарските медиуми пренесуваат дека загинатите се татко, мајка и две деца.

Претходно, директорот и претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески во изјава за МИА информираше дека воздухопловот попладнево во 16:16 часот е изгубен од радарскиот систем на контролата за летање. Поради лошите временски услови пилотот првично одлучил да слета во Скопје, но по кратко време побарал дозвола да продолжи за Софија. Контактот бил изгубен западно од Солунска Глава и веднаш по пријавата два полициски хеликоптери тргнале во потрага на изгубената Цесна.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ