Новата тајна служба АНБ се готви за нова адреса, најпосакувана локација Македонија-Табак

Трета Македонска ударна бригада 20 е засега најпогодната локација за седиште на новоформираната АНБ – Агенција за национална безбедност, велат сознанијата на Телма. Таму се наоѓа зградата на Македонија Табак во која  се сместени Агенцијата за храна и ветеринарство и земјоделски фонд. Државата мора што побрзо да најде соодветна локација со исполнети високои безбедносни стандарди , со добра информациска поврзаност и со добра инфраструктура. Има два месеци до кога треба да стартува новата агенција и биле разгледувани повеќе локации, меѓу нив и Македонија-табак. Имало определени проблеми со сопственоста кои се решаваат. Но директорот на новата агенција АНБ не открива дали е избрана локацијата и која е.

Димовски се појави на собраниската комисија за надзор на тајните служби каде беа избрани двајца членови на комисијата за селекција, која ќе ги избира кои кадри од УБК ќе преминат во новата служба. Таа задача ја добија Артан Груби од ДУИ и Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ. Тие само ќе набљудуваат како ќе се одвива регрутацијата во АНБ, а изборот ќе го вршат директорот Димовски, двајца претставници на полициските синдикати и двајца од МВР и УБК.

Агенцијата ќе ја наследи УБК која заминува во историјата. Досега не е избран заменик директор кој ќе го бира самиот директор Димовски. За првпат, премиерот го предложи новиот директор на тајната служба.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ