АРМ негира каква било вклученост во настаните од 27-ми април

АРМ негира било каква вклученост во настаните од 27-ми април откако обвинети за „Крвавиот четврток“ сведочеа дека слушнале како воена полиција е поставена на патишта во западна Македонија и дека се подготвува прогласување воена состојба. Армијата ги демантира и тврдења дека АРМ имала улога во „Крвавиот четврток“ кои беа изнесени во телевизиски дебати.

„Во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации кои се пласираат во јавноста“, Соопштение на ГШ на АРМ.

Со истрагата за „Крвавиот четврток“ беше откриено дека неколку офицери и професионални војници учествувале во упадот во Собранието, но освен дисциплински мерки, тие не беа обвинети во процесите за 27-ми април.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега немаше реакција на тврдењата на обвинетиот Василевски-Нинџа дека во партиската бела палата бил командно-оперативен штаб за упадот во Собранието. Затоа пак реформаторот Богоески вели дека партијата досега требаше да расксрти со епизоадата од 27-ми април.

Од партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ чии имиња ги кажа обвинетиот Нинџа, се огласи само Билјана Бришкоска која според сведочењето била во партискиот штаб и по телефон разговарала со Трајко Вељановски за отварање на собраниските врати.

„Можам само да изјавам дека сум запрепастена од невистинитоста на исказот на сведокот кој се однесува на мене и целосно го отфрлам како неточен“, кажа Билјана Бришкоска Бошкоска.

Останатите некогашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа спомнати како Трајко Вељановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески немаа реакција за тешките обвинувања. Аналитичарот Алберт Муслиу кого обвинетиот Василевски го посочи дека во негова куќа биле поставени камери за да го снимаат, вели дека ќе бара целосно да се расветли исказот.

Исказот на Василевски, но и претходните на браќата Младеновски и Симовски, потенцираа дека зад организацијата стои партиско – разузнавачка структура.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ