Апсењето на милијардерот Епстин нов скандал за администрацијата на Трамп

Апсењето на американскиот милијардер Џефри Епстин поради обвиненија за проституција и злоставување малолетни лица, ја разбранува јавноста во САД, пред се поради врските на милијардерот од Њујорк со претседателот Доналд Трамп. Според федерелното обвинение Епстин „сексуално искористил и злоупотребил десетици малолетни девојчиња“ и наводно им плаќал на жртвите да регрутираат други малолетнии лица. Некои од обвинувањата за Епстин датираат дури 19 години наназад.

Можев да го погледнам во лице денеска и да го видам со лисици на раце, вели Кортни Вајлд една од жртвите на Епстин.

На почетокот на векот Епстин веќе еднаш бил обвинет за слични дела, но во 2008-та година сегашниот министер за труд Алекс Акоста а тогашен федерален обвинител на Флорида му понудил договор да ги признае делата за поблага казна. Наместо десетици години во затвор Епстин одлежал само 13 месеци а Акоста ја прекинал федералната истрага која утврдувала дали имало повеќе жртви од 36-те пријавени во тогашниот процес. Демократите и јавноста побараа остака од Акоста за неговата улога во ослободувањето на Епстин, но Трамп застана во одбрана на својот министер.

Слушнав дека многу луѓе учествувале во таа одлука, не бил само тој. Можам да зборувам за тоа што го знам а знам дека е одличен, навистина одличен министер за труд. Се останато мораме да го разгледаме, да го разгледаме многу внимателно, вели американскиот рпетседател.

Сегашното дополнето обвинение укажува дека таа одлука била незаконска. Случајот е непријатен за американската политичка и бизнис елита затоа што Епстин има или имал блиски врски со повеќе политичари и бизнисмени. Покрај Трамп, чест гостин му бил и поранешниот претседател Бил Клинтон а на почетокот на двеилјадитите заедно со Харви Вајнстин се обидел да го купи списанието Њујорк магазин.

Игор Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ