Антиќ нов претседател на МКФ

Перо Антиќ е новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација. Во пресрет на денешното собрание од трката се повлекоа двајцата противкандидати Владимир Темелковски и досегашниот прв човек Петар Наумовски па така првиот Македонец кој го настапи во НБА лигата дојде на чело на македонската кошарка.

Најтрофејниот наш кошаркар беше предложен од 15 учесници на собранието, а во изборот скоро сите претставници на клубовите му дадоа поддршка на Антиќ, кој во следниве четири години ќе раководи со македонската кошарка, а како што самиот најави во иднина ќе преземе низа активности овој спорт да се врати на старите патеки на успехот.

“Секако дека сум среќен, но искрено малку ми е и чудно во оваа улога. Веќе реков, мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде редовен учесник на големите натпреварувања”, изјави новиот претседател на федерацијата.

Прв соработник на новиот претседател ќе биде колегата од националниот тим Тодор Гечевски како и Владимир Георгиевски, а се најавува дека во тимот на Антиќ ќе бидат вклучени уште неколку познати кошаркарски имиња. Конечниот состав на управниот одбор се очекува да биде познат во следниве две недели.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ