Анкета: СДСМ ужива 25,5 проценти, а ВМРО-ДПМНЕ 20,6 проценти поддршка од граѓаните

Ако утре се одржат избори СДСМ би добила најмногу гласови. За неа би гласале 25,5 проценти граѓани, додека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,6 проценти, покажа најновата анкета на Телма и МЦМС, спроведена телефонски од 15 до 23 мај на репрезентативен примерок од 1.052 испитаници. За споредба  во анкетата во истиот период лани мала предност имаше ВМРО-ДПМНЕ со 24,5% пред СДСМ со 23,7 отсто. Попрецизно кажано, рејтингот на СДСМ се зголемил за еден процент, додена на ВМРО-ДПМНЕ е намален за 3,9 проценти. Во албанскиот политички блок води ДУИ со 7,4 процент, што е пад споредено со минатогодишната анкета кога доби 8,5 проценти поддршка. За Алијанса на Албанците се определиле 2,9 проценти, а за БЕСА – без разграничување кое од двете крила – се опредселиле 2 проценти. Не е за занемарување процентот оние кои не сакале да одговорат – 26,2 проценти и на оние кои одговориле дека нема да гласаат од 11,8 проценти.

Анкетата покажа дека рејтингот на социјалдемократите кај албанското гласачко тело е во пораст, 13,2 проценти, споредено со ланската анкета кога добија доверба од 12,4 проценти од испитаниците Албанци.

Интересни се бројките и на рејтинзите на лидерите на политичките партии. Убедливо најголоем рејтинг има премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, со 24,1 процент. Сепак Заев во мај лани имаше за 0,7 проценти поени повиок рејтинг од сега. Претседателот Ѓорге Иванов е втор на рејтинг листата, со 9,9 проценти. Иванов има повисок рејтинг од екс-премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој доби поддрша од 6,1 процент. Ова е сосема друга слика споредено со рејтинзите на политичките лидери од минатата година, ако се знае дека во мај лани највисок рејтинг имаше тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со 28,5 проценти. Груевски за една година има пад на рејтингот од 22,4 проценти. Неговиот наследник во партијата Христијан Мицкоски ужива поддршка на само 2,9 проценти, што е идентичен процент со поддршката која ја ужива и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ужива поддршка од 4,1 процент, што е пад од два проценти споредено со рејтингот од ланската анкета од 6,1%.

Истражувањето покажа дека доверба на ниту еден од политичките лидери во анкетата не би им дале дури 31,3%, а 11,5 не знаат за кого би гласале.

Анкетата на Телма и МЦМС даде одговор и на прашањето колку Зоран Заев ја оправда  довербата со неговата работа? Средната оцена која ја доби Заев од граѓаните е: 2,78

Како поединечно изгледа скалата од еден до пет за Заев. Најниска оцена – единица, Заев добил од 26% од испитаниците;  22,2 проценти го оцениле со три, додека 15,5% со четворка. Петка добил од 15,2%, додека 14,4 отсто го оцениле со двојка.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ