Анкета на Телма и МЦМС: Опаѓа довербата на граѓаните во СЈО

Мнозинството граѓани немаат доверба во обвинителството и судскиот систем. Во нив не веруваат 61% од граѓаните, а довербата ја губи и СЈО, во кое недоверба искажале 53,5 проценти од граѓаните. Ваквиот тренд на недоверба во правосудниот систем го покажа новата анкета на Телма и МЦМС спроведена од М-Проспект на репрезентативен примерок од 1.014 испитаици во период од 11 до 16 ноември.

Истражувањето на јавното мислење покажа дека 61% од испитаниците немаат доверба во обвинителството, наспроти 32,7 отсто кои имаат. Недовербата во судството е речиси на исто ниво со недовербата во обвинителството. Мнозинство од 61,4% од граѓаните немаат доверба во судскиот систем, додека 33, 3 отсто се уште му веруваат.

Анкетата покажа и промена на расположението на граѓаните кон СЈО. Институцијата која од формирањето беше на врвот и можеби една од институциите со најголема доверба досега, сега доби недовeрба од 53,5 проценти од испитаниците, наспроти 41 процент кои и дадоа доверба.

Довeрабата во овие институции гледано по партиска линија покажа пак големи разликите во ставовите. Големо мнозинство од 84,2 проценти од приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ немаат доверба во Јавното обвинителство, наспротио 62,5 отсто од приврзаниците на СДСМ кои имаат доверба во Обвинителството.

И во контекст на СЈО големи се разликите на довербата според партиска приврзаност.  Мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ 83,8 % немаат доверба во специјалното обвинителство, додека во СЈО доверба имаат 74,5% од приврзаниците на СДСМ.

Анектата освен расположението кон правосудниот систем го опфати и прашањето кој е најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните. На прво место за нив е сиромаштијата со 36,2 проценти, по што следи невработеноста со 27,6, а на трето место е криминалот со 10,2 проценти. Загадувањето е најголем проблем за 7,3 отсто од граѓаните, додека 75 проценти сметаат дека Владата и другите институции не преземаат доволно мерки за решавање на проблемот.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ