Анкета: 41,5% ќе гласаат ЗА, 35,1% Против

На претстојниот референдум поголемиот број гласачи ќе го заокружи зборчето „за“. На прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“, потврдно би одговориле 41,5 одсто, против би биле 35,1 одсто, нема да гласаат 12,4 одсто, не знаат 9,2 одсто, а 1,9 одсто одбиле да одговорат на Анкетата што ја спроведе МЦМС.

Според ова истражување, големо мнозинство од 66,4 одсто испитаници ќе излезе на гласање, 19,8 одсто ќе се придружат на иницијативата за бојкот, 11,9 одсто се уште немаат одлучено, а не одговориле 1,9.

Анализата по етничка основа покажува убедлива поддршка од албанците и далеку помала од македонците. 45,2 одсто етнички македонци се против, 27,4 за, а останатите не знаат или нема да гласаат. Кај етничките албанци 88 одсто се за, а минимални 2,2 одсто против. Според старосната структура, 48,2 одсто млади ќе гласаат за, а со возраста, поддршката опаѓа на 34,1 одсто. Слична тенденција покажува степенот на образование – најголема поддршка даваат гласачите со високо образование.

За Договорот граѓаните најмногу се информирале од медиумите – дури 73 одсто, а останатите, од социјалните мрежи и од разговори со роднини и пријатели. Само 3,1 одсто го прочитале Договорот, но 85 одсто велат дека се запознати со него: 19,5 одсто целосно, 32,6 одсто средно, а 11,6 дале најниска оценка на скалата од 1 до 5.

За поголемиот број испитаници, односно за 48,3 одсто од нив, референдумското прашање е јасно и разбирливо, а за 44,8 одсто не е доволно јасно. При тоа, неспорна е поддршката за членство во ЕУ и во НАТО, со 80,2 односно 79,6 одсто.

Анкетата е спроведена телефонски на репрезентативен примерок од илјада 26 испитаници во периодот од 24 јули до 1 август. Резултатите се подложни на статистичка грешка од +/- 3,1 одсто со прифатливо ниво на доверба од 95 проценти.

Соња Николовска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ