Амнестијата за 27-ми април пред Уставниот суд

Уставниот суд е пред нов предизвик. Деветмината судии в среда ќе одлучуваат дали амнестијата на лицата кои направија кривични дела на 27-ми април 2017-та треба да одговараат или да бидат поштедени од одговорност. Доколку мнозинството судии смета дека Законот за амнестија не е уставен, ќе биде поведена постапка која завршува со укинување или поништување на двата оспорени члена, што потоа ќе значи поведување одговорност. Доколку сметаат дека Собранието има право да даде амнестија, ќе ја отфрлат поднесената иницијатива.

Законот беше донесен минатиот декември. Опфати 15 обвинети, меѓу кои и петмина пратеници, двајца вработени во кабинетот на претседателот Иванов и тројца организатори на протестите. Тројца пратеници: Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои гласаа и за последните уставни измени за промена на името, сега се дел од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ. Оттаму велат дека амнестијата не се однесува на пратениците туку на настаните од 27-ми.

Меѓу амнестираните беа и пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Сите пратеници беа обвинети дека ги отвориле вратите на Собранието и ги насочувале учесниците во протестот кон салата за прес конференции. Во групата беа и водачите на протестите Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, а оперскиот пејач Игор Дурловски не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда. 18 од обвинетите, меѓу кои Нинџа, Кољо, Леви и други, не беа опфатени со амнестијата.

За упадот во Собранието, изречени се казни на 16 обвинети заради загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Највисока казна од 18 години затвор доби екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ