Амди Бајрам влезе во Влада

По повеќемесечни преговори за влез во Влада, Африм Гаши, Мендух Тачи и Амди Бајрам му подадоа рака на премиерот Зоран Заев. БЕСА најверојатно го добива Министерството за култура, ДПА за странски инвестиции, а Сојузот на ромите нема да има министер.

Заев најави дека кон крајот на мај новиот владин состав ќе одлучува за другите ешалони на власта, а сега очекува одлуки од раководните тела на сите партии. Централното Собрание на ДПА веќе донесе одлука: го предлага поранешниот пратеник Бардуљ Даути за министер за инвестиции а инженерот Митасим Беќири за заменик министер за транспорт. Пред седницата, Тачи изјави дека лесно ќе биде прифатена вака конкретна и коректна понуда од премиерот.

Заев покажа силна прагматичност и им прости на некогашните политички противници Тачи и Бајрам. За да манифестираат блискост до ВМРО ДПМНЕ, тие со години покажуваа креативност во критиките кон СДСМ и кон него лично.

Вечерва се очекува одлука и од Централниот одбор на БЕСА. Од крилото на Гаши ја демантираат шпекулацијата дека поранешниот пратеник и потпретседател Зекирија Ибраими е идниот министер за култура, но потврдуваат дека е постигнат договор за влез во Влада. Крилото на Билал Касами веќе соопшти дека се повлекува од преговорите, незадоволно од понуденото заменичко место. Со влегувањето на овие две партии во власта, парламентарното мнозинство ќе се зголеми за пет пратеници. Заев ќе може да смета на вкупно 67 пратенички гласа.

Соња Николовска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ