Алиоски и Елмас ја срушија Летонија: Македонија со победнички старт во квалификациите (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација славеше со 3-1 против Летонија вечерва на „Филип Втори“ во рамки на 1.коло во квалификациите за Европското првенство 2020 година.

Нашиот национален тим победата ја обезбеди уште по првото полувреме, кога доминацијата ја круниса со два гола. Резултатот го отвори Езџјан Алиоски во 11-тата минута за кого ова беше четврти гол на последните шест натпревари во репрезентацијата. На 2-0 зголеми младиот Елиф Елмас во 29-тата минута само кратко откако влезе во игра на местото на повредениот Ферхан Хасани.

Во вториот дел, македонската репрезентација реши малку да ги штеди силите за неделното гостување кај Словенија, па гостинот ја искористи опуштеноста во нашиот тим да постигне гол во 87-та минута преку Влачеслав Исајевс. Во судиското продолжение Летонија остана со играч помалку откако втор жолт картон заработи Андрејс Циганикс.

Точка на победата на нашата репрезентација стави Елиф Елмас со својот втор погодок на натпреварот и втор воопшто во националниот дрес и тоа со неверојатна мајсторија. Младиот талент го постигна еден од најубавите погодоци во историјата на фудбалската репрезентација.

Во недела гостуваме кај Словенија во рамки на второто коло, а оваа репрезентација вечерва ремизираше 1-1 кај Израел. Полска ја потврди улогата на фаворит во нашата група Г со триумф од 1-0 на гостувањето кај Австралија, благодарение на голот на Кжиштоф Пјонтек.

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ