Алими: Толпата бараше албанска крв

Пратеникот Мухамед Зекири и собранискиот обезбедувач, Абдулфета Алими препознаа дел од обвинетите на денешното судење за нападот на Села. Алими кој е и обвинет во предметот на организиран криминал за 27 април беше спроведен од Шутка. Говореше за хаосот и насилството во прес салата, за толпата што фрлала предмети кон пратениците, а напаѓач со фантомка качен на стол давал насоки и командувал кој следен да биде нападнат. Се бараше албанска крв, рече Алими. Тој излегол од салата откако бил нападнат, но подоцна добил повик од колешка дека Села е повреден

„Кога се симнав во клубот на пратеници мислев дека Села е мртов, беше целиот во крв. Видов како еден го удира со нога и му реков немој, мртов е. Потоа го однесовме во собраниското бифе и ја држевме вратата за да не може да влезе толпата. Колешката им врелеше дека чуваме повреден полицаец“, кажа Абдулфета Алими.

Сведокот раскажа за драмата и евакуацијата низ собраниските ходници. Му ветил на Села дека е во сигурни раце и со уште еден човек, по помошните скали, го однеле во канцеларија на третиот кат каде го сокриле под бирото. Пристигнал и лекар и по укажнамата помош, маскиран како полицаец, го изнеле од Собранието, каде го чекало блиндирано возило.

Пратеникот Мухамед Зекири раскажа што забележал од галеријата во прес салата каде со неколку пратенички успеале да се сокријат во двете кабини за превод. Видел кој од обвинетите го извлекува лидерот на Алијансата за албанците од групата пратеници.

Зекири расакажа дека толпата го барала и него конкретно, со име и презиме прашувале каде е, и упатувале навредливи зборови, но не успеале да влезат во кабината каде што бил тој и колешките.

Собранискиот обезбедувач Игор Јанакиев видел како неколкумина го извлекуваат Села кој се тетеравел и паднал по што 15-тина почнале да го удираат и го газеле по глава и телото додека тој ги држел рацете околу главата. Рече дека се обидел и да го заштитии, но постојано пристигнувале нови напаѓачи. Едни си заминувале други доаѓале и го удирале додека не изгубил свест и го изнеле од прес салата.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ