Алармантна состојба со децата питачи – институциите неми посматрачи

Раце испружени кои питачат чекајќи го црвеното светло,  насмевки, досетки  и солзи на детските лица кои долго време ве следат, ве прават и тажни и немоќни. Бебиња кои постојано спијат. Гневот е неминовен зошто и каде затајуваат надлежните институции со години наназад.

Деца питачи и жени со бебиња во рацете е сликата која секојдневно ја гледаме на скопските раскрсници. Станува збор за серија кривични дела, меѓу кои и прекршување на Законот за заштита на децата.

Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни се клучни за решавање на ваквата алармантна состојба со сиромаштијата и злоупотребата на детскиот труд, сметаат стручњаците. Во земјава се отворени дневни центри за деца на улица чија што задача е да ги згрижат дневно, но состојбата е таква што децата повторно ги гледаме на улица, што укажува на нефункционалност на надлежните институции, вели Васка Бајрамовска заменик на Народниот правобранител.

„Ние во пракса следејќи ги состојбите и барајќи одговор од надлежните кои ја водат евиденцијата утврдивме еден поразителен податок,  кој треба да алармира, а тоа е дека четиримесечно бебе е најмалото бебе кое што е изложено надвор на питачење, додека најголемата возраст е 17 со ненавршени 18 години. Тоа укажува дека речиси секоја категорија на деца согласно Конвенцијата за права на детето е опфатена со питачењето“, кажа Васка Бајрамовска, заменик на Народниот правобранител.

Загрижува и фактот дека најголем број деца питачи воопшто и не се запишани во училиште, смета Драги Змијанац.

„Државата и нејзините институции имаат обврска да ги заштитат децата од злоупотреба на нивниот труд, она што го гледаме секојдневно на улиците со пружени рачиња на плус 40 степени навистина е погубно за држава која гарантира сигурност и социјална благосостојба на децата во Република Македонија“, кажа Драги Змијанац, Детска амбасада МЕЃАШИ.

Во 2000 та година Собранието на Република Македонија ја ратификуваше конвенцијата на Меѓународната организација за труд 182 за итно спречување на најлоши форми на злоупотреба на детскиот труд.  За жал и по осумнаесет години доволно е само да поминете неколку раскрсници во градот и да сфатите дека надлежните институции затаиле, сметаат нашите соговорници.

Нина Стефанова

 

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ