Аквадуктот повторно мета на вандалите

Сака ли некој да го урне скопскиот аквадукт, кој е заштитено културно наследство од прва категорија ? Насилно извадени тули и камења од 10 носечки столбови на аквадуктот, е сликата на која пред два дена наиште од Градскиот конзерваторски центар. Како што вели директорот Чапкановски, и додека работеле нивни екипи на аквадуктот од 3 до 7 овој месец, на истражување на пропусливоста на влага, поради појава на пукнатини околу древниот водовод, забележале дека има оштетувања. Но, последниве биле многу поголеми и поопасни за овој споменик на културата.

  • На 17 октомври забележавме дополнителни оштетувања , уште поголеми од претходните. Подготвен е извештај, повикана е инспекциската служба од УЗКН, од таму составуваат записник. Од страна на Министерството е повикана полиција да направи увид на оштетувањата. И понатаму , постапката е да се види кој е тој што ги предизвикал самите оштетувања, вели Коле Чапкановски- директор на Градски конзерваторски центар

На локалитетот наидовме на ипровизирани огништа. Чапкановски се сомнева дека тие се направени од  диви копачи за да се згреат во доцните ноќни часови, додека од темелите на аквадуктот сакале да извадат злато. Но, остава истражните органи да откријат. Од УЗКН го чекаат извештајот од терен , од кој ќе се утврди обемот на штетата.

  • Најдоцна идната седмица , понеделник или вторник јас мислам дека ќе  ги имаме конкретните оштетувања. На кои позиции, во кој обем и ќе знаеме зошто било тоа, вели Ацо Костов- директор на УЗКН

Оштетувањата на носечките столбови на аквадуктот од Министерството за култура ги осудија како вандалски чин и најавија превентивни мерки за заштита и полициско обезбедување на локалитетот, на кое денеска наиде и нашата екипа. Од МВР велат дека превземаат мерки за расчистување на случајот со засега непознат сторител кој ги оштетил столбовите на аквадуктот. Истражувањата кои Градскиот конзерваторски центар ги вршел овој месец на локалитетот се вовед во проект за негова санација и конзервација , кој треба да започне идната година и за кој веќе се обезбедени сретства, изјави заменик министерот за култура, Лазовски, кој исто така дојде на објектот. 

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ