Акција на шпанската полиција: Уапсени седум лица за местење фудбалски натпревари

Голем скандал со наместени натпревари го потресе шпанскиот фубал. Неколку поранешни и сегашни фудбалери завршија зад решетки. На еден од сомнителните натпревари бранел и македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.

Седум лица се уапсени од шпанската полиција под сомнение дека биле дел од организирана криминална група за местење фудбалски натпревари во првата и втората шпанска лига. Со лисици на рацете заврши претседателот на фудбалскиот клуб Уеска, Агустин Ласаоса, заедно со шефот на медицинскиот тим на клубот, Хуан Карлос Галиндо.

Уапсени се пет сегашни и поранешни фудбалери, меѓу кои најзвучно е името на поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Раул Браво, кој веќе три години е во фудбалска пензија. Според наводите на шпанските власти токму Раул Браво бил лидер на групата, заедно со Карлос Аранда, кој исто така е поранешен фудбалер. Зад решетки завршија и Борха Фернандез од Валјадолид, потоа Саму Саиз, кој е фудбалер на Хетафе, но моментално игра како позајмен фудбалер во Лидс јунајтед заедно со нашиот репрезентативец Езџјан Алиоски, а тука е и фудбалерот на Депортиво ла Коруња, Ињиго Лопез.

За шпанската полиција сомнителен е натпреварот помеѓу Уеска и Настик де Тарагона одигран во претпоследното коло од минатата сезона во Втората шпанска лига. Уеска веќе имала обезбедено пласман во Првата лига, додека на Настик му биле потребни три бода за да остане во Втората лига. Настик победил со 1-0 на гостувањето кај фаворитот, а во тоа време на голот на гостите беше и македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.

Според дел од медиумите, овој натпревар станал сомнителен поради фактот што многу обложувалници не дозволувале обложување на овој дуел, откако добиле многу уплати за победа на гостинскиот тим.

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ