Ако сакаат државни пари – странците да мора да купуваат стоки и услуги од домашните, предлага ССК

Странските компании како да имаат ставено железна завеса за соработка со нас, полесно ни е да обезбедиме купувач во Минхен, отколку во Бунарџик, се жалат домашните фирми. Ланската анкета на ССК покажала дека од вкупно 500 компании, само 4 отсто успеале да влезат во редовните набавки со свои производи кај странските инвеститори, а 13 проценти имаат само некаква соработка. Затоа, иако уште официјално не го испратиле до власта, бараат таа да ги услови странците – ако сакаат да добиваат државни пари, задолжително да купуваат стоки и услуги од домашните фирми, тоа да биде клаузула во договорите за помош, по примерот и на други земји. Со новите владини мерки тие само се мотивираат да соработуваат, иако и тоа дало одредени ефекти.

Кога веќе се одвојуваат средства од даночните обврзници, од нас домашните фирми што сме платиле даноци, сосема е нормално некој да го постави условот – да, добивате толку, но имајте обврска да направите исто во одреден процент. Според вредноста на субвенциите кои ги добивате, да се одреди одреден сооднос, 3,5, 7 или 10 проценти од вашиот производ да мора да содржи локални суровини, вели Трајан Ангелоски, член на УО во ССК.

Најлесно кај странците пробиваат големите компании, а многу потешко малите и средните. Домашните фирми не ги прифаќаат забелешките дека немаат соодветни сертификати. Не е точно ни дека не се упорни, на странците им се јавувале, им праќале мејлови, дури и оделе кај нив, но немало повратни одговори. Иако, признаваат дека вина има и кај нив, мора да се модернизираат и на нудат конкурентни цени.

Покрај ово проблем, банките и натаму тешко даваат кредити кои на фирмите им требаат за купување опрема.

Ако сакате да купите некаква машина или опрема, 95 отсто од банките нема да ја прифатат машината како колатерал, ќе ви бараат стан или друга атрактивна локација, ако треба да купиме 100 машини, ние немаме 100 стана, вели Ангелески.

Фирмите хронично се жалат на акутниот проблем со недостиг од технички и образован кадар, со оа мора да се позанимава Министерството за образование.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ