Вести Македонија Топ вести

Сулејмани: Со новиот закон за правична застапеност ги спречуваме злоупотребите – следуваат санкции за лажно етничко изјаснување

Заменикот министер за образование од коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на Телма, најави дека новото законско решение за соодветна и правична застапеност конечно ќе стави крај на долгогодишните манипулации со етничката припадност при вработување во државната администрација.

Според Сулејмани, клучната разлика помеѓу досегашниот дигитален механизам, познат како „балансер“, и новото решение е во тоа што правичната застапеност сега се издигнува на ниво на закон.

  • „Оваа уставна категорија ја креваме од алатка во закон, што е голем и многу важен чекор за соодветната застапеност да го добие заслуженото место. Ова требаше да се уреди уште во 2003 година како дел од Охридскиот рамковен договор, но за жал, по цели две децении тоа не се случи. Ние го ветивме ова пред изборите и сега го реализираме“, истакна Сулејмани.

Една од најголемите критики на претходниот систем беа злоупотребите каде граѓаните се изјаснуваа како припадници на друга етничка заедница само за да добијат работно место. Сулејмани тврди дека новиот закон предвидува строги санкции за ваквите појави.

  • „Секој кој ќе се осмели лажно да ја изјасни својата етничка припадност ќе биде санкциониран. Тој ќе биде исклучен од конкретниот конкурс и нема да има право да аплицира на ниту едно работно место во наредните три месеци“, појасни заменикот министер.

Покрај кандидатите, законска одговорност ќе сносат и раководителите на институциите. Доколку директорите не го спроведуваат законот, ќе се соочат со политичка одговорност, што според Сулејмани е многу посилна мерка од досегашните парични казни кои честопати се игнорираа.

На новинарското прашање за забелешките на Венецијанската комисија во однос на мерит-системот и координацијата, Сулејмани демантираше дека законот е во спротивност со нивните препораки. Тој посочи на Членот 9 од предлог-законот, каде експлицитно е наведено формирањето на координативно тело за следење на состојбите.

  • „Методологијата ќе ја предлага Агенцијата за администрација во соработка со координативното тело. Првиот вицепремиер на Владата ќе биде задолжен за следење на спроведувањето на законот низ сите институции во државата“, додаде тој.

Сулејмани заклучи дека ова законско решение е суштинско за стабилноста и правичноста во државата, нагласувајќи дека Владата е максимално внимателна во неговото конципирање за да не се повторат грешките од минатото.

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рама не се повлекува од проектот со Кушнер за луксузен туризам во јужна Албанија

Дејан Дејан

Мерит-системот станува примарен, а етничката припадност „секундарна“, смета Арта Биљали Зендели од ДУИ

Дејан Дејан

Трамп го обвини Иран дека соборил американски хеликоптер Апачи, ветувајќи одговор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе