Се до оној миг додека министерот Љутков не спомена дека причините за мојата оставка се лични, немав намера да ги споделам медиумски, затоа што тоа го сторив на начин кој мене ми прилега со допис до надлежните институции каде точно ги наведувам причините, вели професор Груевска- Маџоска, поранешната претседателка на Советот за македонски јазик.
Вели дека Јавната расправа за Националната стратегија за култура и тоа што таа го содржи без никаква консултација со Советот за македонски јазик била пресудна да реагира, за потоа и да ја донесе одлуката за неотповиклива оставка.
- Значи ако имало некаква комуникација ќе сме кажеле што треба да стои таму накратко нели, а што ќе има во посебната Национална стратегија за македонскиот јазик. Но бидејќи нема комуникација во тоа министерство, кога го прочитав тоа бев многу изиритирана и тоа сакав да го кажам како забелешка на самата јавна расправа. Но од државниот секретар ми беше на некој начин кажано јавно да не го правам и откако се виде дека јас не сакам да се сложам со тоа ми беше кажано дека сум била назначена на нивен предлог. Јас лично тоа го сфаќјам како закана. Значи „ако ние сме ве назначиле можеме и да ве разрешиме“, епа еве јас ја скратив работата и сама се разрешив бидејќи на таков начин не може да се работи навистина- проф. д-р Симона Груевска- Маџоска, поранешна претседателка на Совет за македонски јазик.
Министерот Љутков во својата писмена реакција наведе повеќе аргументи со кои и реплицираше на Груевска- Маџоска меѓу кои и тоа дека забелешките за Националната стратегија за култура се доставуваат до Министерството за култура и туризам, а не директно до Собранието.
- Не е точно дека немало комуникација. Координативното тело и работните групи беа токму местата каде се водеа сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик. Барање за лична средба, не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски. Г–ѓа Груевска, Вашата оставка ја примивме со почит. Меѓутоа, објавувањето на Вашето образложение на ваков сензационален начин, со селективно прикажување на фактите, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои сериозно и посветено работеа на јубилејот. Македонскиот јазик е далеку поважен од било чија лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки- Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
На ова Груевска- Маџоска кусо одговори:
- Апсолутно не може да се најде политичка димензија кај мене бидејќи јас не сум била никогаш, ниту сум член на ниту една политичка партија и навистина не ми е потребно некој да ме обвинува, ниту пак има основа да ме обвини дека имам намера за политички препукувања навистина. Јас сум редовен професор во Институтот за македонски јазик и општествено сум ангажирана таму каде што совеста ми налага дека треба да се ангажирам- проф. д-р Симона Груевска- Маџоска, поранешна претседателка на Совет за македонски јазик.
Владата на денешната седница го усвои предлогот и ја именува д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и редовен професор на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” за нова претседателка на Советот за македонски јазик.
Нина Стефанова
Б.С.
