Вести Македонија

Пушачите наскоро ќе добијат построги ограничувања – Законот против пушење ставен на дневен ред на следната собраниска седница

Пушачите наскоро ќе добијат построги ограничувања. Законот против пушењето ги помина комисиските собраниски филтри, а веќе е ставен и на дневен ред на следната собраниска седница. Пратениците од Комисијата за здравство и Законодавно правната комисија без дискусија, едногласно изгласаа дека е потребно да се донесе ваков, поригорозен закон. Во образложението, заменик-министерот за здравство зборуваше за штетните ефекти од употребата на тутун и сродни производи. Податоците од Светската здравствена организација покажуваат дека пушењето е водечка причина за смртност и хронични болести во Македонија. Над 45% од возрасната популација пуши, што ја става државата меѓу земјите со највисока стапка на пушење во Европа.

„Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на карцином на белите дробови и значителен дел од кардиоваскуларните болести.Кај младите од 13-15 години, употребата на никотински производи е 13,6 проценти,на електронските цигари 9 проценти.73 отсто од младите кои се обиделе да купат цигари, не биле одбиени поради возраста“, информираше Јовица Андоновски, заменик-министер за здравство.

Со законот се опфатени и електронските цигари. Се забранува пушењето во јавни и работни простории, здравствени установи, установи за згрижување и воспитување на деца, рекреативни, спортски и културни установи, затворени базени и објекти за нега и разубавување. Нема да смее да се пуши ниту на 20 метри од влезовите на овие установи, како и од игротеките. Се забранува и пушење во сите видови на јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови,  во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа, на автобуски станици, стојалишта и постојки и на растојание од најмалку пет метри од нив,како и во приватно возило во присуство на дете.

По долги преговори со угостителите, пушење е забрането во објекти за исхрана, ресторани, барови, кантини и слично. Дозволено е да се пуши само на отворени балкони и тераси на објектите, како и во оградени простори со стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради доколку се отворени од најмалку две страни, или од една страна и целосно отворен кров.

Законот ќе биде изгласан деновиве, но угостителите ќе имаат рок од 12 месеци за соодветно да ги преуредат терасите на кои пушењето ќе биде дозволено.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Веселинка Лаброска е именувана за нова претседателка на Советот за македонски јазик, по оставката на Груевска-Маџовска

Дејан Дејан

Србинка на 58 години очекува тројка по ин витро во Битола

Tea Dimkovska

Трет обид за набавка на нови еколошки автобуси

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе