Вести Култура

Ангажираниот театар во функција на општествени промени

На четвртиот ден на 60. Македонски театарски фестивал „ Војдан Чернодрински“, се одржа трибина на тема „ Театарот и општеството“, со фокус на ангажираниот театар. Режисерката и професорка на ФДУ, Зоја Бузалковска рече дека е важно театарот да зборува за деликатни теми што не болат за да настанат промени. А, таквата уметност може да се злоупотреби, смета драматургот Сашо Димоски. Беа прикажани претставите „ Амадеус“ на Турскиот театар- во натпреварувачката програма и „ Вилицата на Ибен Бајерс“ на независниот театар „ Штрих“, со која започна офф програмата.

На трибината „ Театарот и општеството“ се говореше за ангажираниот театар и неговата улога во носењето општествени промени. Учествуваа теоретичари, педагози и уметници од институционалната и независната сцена.

  • „Многу е важно да се зборува на деликатни теми затоа што општествено ангажираниот театар не е само политичкиот театар. Има многу теми што не болат“, изјави Зоја Бузалковска- режисер и професор на ФДУ.
  • „Меѓутоа начините на кои се обидуваме да го најдеме тој контекст преку уметноста , некогаш знаат да бидат проблем. Бидејќи многу често знаат да се злоупотребуваат“, рече Сашо Димоски- драматург во НТ – Велес.

Учесниците се согласија дека за ангажиран театар легитимни се универзалните пораки од класиците, како и текстовите кои директно ги посочуваат проблемите.

Неподобните решаваат за подобните. Ова е коментарот од претставата „ Амадеус“, со која Турскиот  театар од Скопје учествуваше во натпреварувачката програма на четвртиот ден на 60. јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински “.Претставата е работена по текстот на Питер Шефер , во режија на Андреј Цветановски. Го доловува конфликтот меѓу генијалниот Моцарт и просечниот Салиери, во изведба на актерите Јеткин Сезаир и Селпин Керим. При тоа, публиката го следи општествениот подем и пад на големиот австриски композитор, каде е прикажан и односот на Моцарт со татко му.

  • „Се обидов најмногу што може да го извлечам тој тријаголник меѓу Салиери , Моцарт и Господ , како врска преку која се борат“, вели Андреј Цветановски- режисер на претставата.

Независниот театар Штрих ја отвори офф програмата на фестивалот.

На Сцената 105 при ЦК „ Марко Цепенков“ започна оф програмата на 60. јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“. Прва прикажана претстава беше „ Вилицата на Ибен Бајерс“. Работена по текст на српскиот автор и драматург Филип Грујиќ, а во режија на Борис Василески.

Изведбата на „Вилицата на Ибен Бајерс “ низ постдрамски текст со фокус на плејбој кој се соочува со сопствените постапки, опасни и по него и по општеството, е коментар за страдањата на современиот  човек.

  • „Филип Грујиќ пишува на еден доста специфичен начин , каде што нема запирки, точки и каде што нема големи букви и сл. На некој начин е како во стихови , како одреден тек на мисла. Тоа ни беше голем предизвик“, рече Борис Василески- режисер на претставата.

Претставата го покажа талентот и посветеноста на нашиот театарски  подмладок .

За Телма  од Прилеп –  Сотир Трајков 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ружин: Два концепта на проширување создадоа фрустрации на земјите од Западен Балкан

Tea Dimkovska

Синдикат на УПОЗ: Нема да ги поддржиме законските решенија кои се носат зад грбот на вработените и без социјален дијалог

Дејан Дејан

Веселинка Лаброска е именувана за нова претседателка на Советот за македонски јазик, по оставката на Груевска-Маџовска

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе