Влажното огревно дрво е еден од најголемите извори на зимското загадување во Битола. Истражување на невладината организација „Геосфера“ покажува дека повеќе од половина од домаќинствата се греат со влажно дрво, а доколку користеле суво, загадувањето би било за една четвртина помало. Екологистите бараат законски измени за забрана на продажаба на влажно огревно дрво.
Секоја година илјадници битолчани ги полнат дворовите и шупите со огревно дрво во подготовка за зимата. За речиси половина од околу 30 илјади домаќинства, тоа е најдостапниот начин за затоплување на домот. Истражувањето на невладината „Геосфера“ покажува дека битолчани просечно годишно трошат околу 15 илјади кубни метри претежно влажно огревно дрво, што значително придонесува за зголемување на аерозагадувањето.
„Педесет и осум проценти од домаќинствата на почетокот на минатата грејна сезона ги затоплуваа своите домови со влажно огревно дрво. Нашите пресметки покажуваат дека доколку до сите овие домаќинства беше дистрибуирано суво огревно дрво, загадувањето ќе беше за 26 проценти помало“, вели Мите Ристов oд „Геосфера“.
Дополнителен проблем, според експертите, е што македонските закони речиси воопшто не го регулираат квалитетот на огревното дрво. Не постои обврска за мерење на влажноста пред продажба, ниту купувачите добиваат информација за квалитетот на дрвото што го купуваат. Поради тоа, „Геосфера“ предлага законски измени со кои би се вовело задолжително мерење и означување на влажноста на огревното дрво, сертификација на суво дрво и засилени инспекциски контроли.
„Многу лесно може да се утврди влажноста на дрвото. Можат да се набават влагомери и да се вршат редовни контроли. Секој инспектор во секое време може да провери кога е сечено дрвото, колкава е неговата влажност и каков е квалитетот на огревното дрво што се продава“, рече Вања Атанасов, правник.
Според авторите на анализата, решението не бара скапи инвестиции, туку јасни правила и доследна контрола на пазарот. Во град кој со години се соочува со високо зимско загадување, подобриот квалитет на огревното дрво може да биде една од наједноставните мерки за почист воздух, велат екологистите.
Емилија Мисирлиевски
