Ттакото на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, во чиј дом беа пронајдени заѕидани 350.000 евра рекол дека парите најверојатно припаѓаат на неговиот син.
Ова беше кажано на денешното рочиште на кое обвинителството презентираше снимки од претресот на семејната куќа на Ристови во Радовиш, а на кои се гледа како се кршат плочките во кујната и ги наоѓаат парите. Обвинителката рече дека кога го прашале таткото што има во фолиите и чии се: „Не знам, веројатно припаѓаат на мојот син“. На дополнително прашање на кој син, тој рекол: „На судијата Ристов“.
Парите беа најдени спакувани во алуминиумски фолии во апоени по 200 и 500 евра.
Претходно на денешното судење, обвинителството соопшти дека судијата Ристов во 2021 година купил стан од фирма на Љупчо Пецов Ѓаволот – обвинет за неколку криивчни дела а со кој Ристов се поврзува дека носел судски одлуки во негова корист. Беа презентирани и докази дека таткото на сопругата на судијата Ристов зел кредит за да го купи станот од Алма комерц – сопственост на Ѓаволот, а кредитобаратели биле Ристов и неговата сопруга.
Беа прикажани и условни отпусти за Ѓаволот донесени од судијата и видео записи на кои се гледа како екс државниот обвинител Фехми Стафа доаѓа во канцеларијата на судијата во Апелациониот суд и влегува во зградата во која живеел судијата.
Случајот почна да се расплетува откако обвинителството „ин флагранти“ го фати поранешниот државен обвинител како во својство на адвокат прима мито од 20 000 евра – прва рата од побараните 100 000 евра, а со кој требало да се влијае врз судија во Апелација да го укине притворот на лице по кое се трага.
Адвокатот призна вина по што Основниот кривичен суд Скопје го осуди на ефективна казна затвор од 1 година и 3 месеци за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
