78 мигранти фатени кај штипската населба Три Чешми

Полицијата во рана зора фатила 78 мигранти кај штипската населба Три Чешми. Откриени се откако камионот со скопски регистерски таблички во кои се превезувале не застанал на дадениот сигнал, по што шверцерите на мигранти се упатиле кон патот Штип-Кочани во изградба. Откако полицијата за кусо време го застанала камионот, во него се откриени 78 мигранти, меѓу кои има и деца и жени.

Околу четири часот во населбата Три чешми, полициски службеници од Регионалниот Центар -Исток и СВР-Штип сопреле товарно моторно возило со скопски регистарски ознаки управувано од 46 годишниот С.П.и 32 годишниот совозач Т.Р.двајцата од Велес, кое претходно не застанало на даден знак, при што биле пронајдени 78 мигранти, се вели во кусото соопштение на СВР-Штип.

Шверцерите на мигранти се лишени од слобода, а мигрантите се донесени во дворот на штипската полициска станица. Камерата на Телма ги забележа како одмараат на тревата, чекајќи да бидат превезени во некој од центрите. Полицијата во разговорите со нив треба да открие од кои земји доаѓаат, како влегле во земјава, колку платиле за транспортот до следната дестинација. За само четири дена ова е втора група на мигранти, која е фатена во близина на Штип. Во првиот случај на патот Штип-Радовиш кај штипското село Лакавица се откриено 40 мигранти во комбе.  Возачот се обидел да побегне, но е фатен од страна на полицијата, карактеристично е што и во двата случаи шверцерите на мигранти се од Велес.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ