Љатвије: Моите деца не пробале свеж леб

Ова шестчлено семејство од Тетово се прехранува со оваа бајата храна, која им ја даваат од околните пекари. Ѓевреците и переците се тврди, па мајката Љатвије ги става во вода да омекнат, за да може да ги нахрани нејзините четири деца.

Таа вели дека ова им е единствената храна. Фрижидерот е празен, во него чува по неколку пакетчиња макарони, кои им го даваат соседите. Пари за да купи храна нема.

Без работа е, а нејзинот сопруг ги напуштил пред 5 години, за него вели ниту слушнала, ниту пак знае каде е. Единствено примање и е додаток за трето дете, пари со кои ја плаќа киријата за станот во кој живее.

Од Центарот за социјални рабори Тетово и рекле дека помош не и следува, затоа што зема додаток за трето дете. Љатвие моли и бара помош од владата, општината и хуманите за да може да ги прехрани овие четири дечиња.

Со Љатвије живее и нејзината свекрва, болеста ја врзува за креветот. Пред неа има еден куп таблети за разни болести. Побарала помош за туѓа нега, но веќе трета година нема позитивен одговор.

Семејството во овој стан живее две години. Претходно престојувале во една барака лоцирана на поранешната дива депонија на влезот од градот. Оттаму морале да се отселат откако беше расчистена. Последиците од отпадот се уште ги носат. Ова 5 годишно дете таму се разболело од Астма. Стравуваат дека пак може да живеат на некоја дива депонија.

Две торби им се спакувани и може во секој момент да го напуштат станот, затоа што сопственикот го продава, и постојано доаѓаат муштерии да го купат.

Сакам да живеам како и сите други семејства, да ги школувам децата, низ солзи раскажува Љатвија. 7 годишната Бисерка од септември ќе биде второделенче. Ненахранета со неколку парчиња стара облека мора да го продолжи образованието како што вели нејзината мајка за да не останат и без единственото примање, додатокот за трето дете.

Зоран Димовски  

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ