450.000 луѓе живеат во сиромаштија – бездомниците молат за помош

Црвен крст и невладините организации на терен пребројуваат колку луѓе живеат во сиромаштија и какви им се приходите. Водат сметка и за бездомниците на скопските улици. Но, нив не треба да одат далеку за да ги најдат. Тие се движат на вообичаени локации низ градот, си помагаат меѓусебно и најчесто самите се снаоѓаат во животот.

„Да не ги вртат главите од социјално загрозените лица, туку да принесат барем едно залче леб и нешто со тоа парче леб. Или уште поубаво – доколку имаат можност да ги вработат некаде!“ кажа Хасан Аметовски, социјален случај.

Хасан Аметовски во Скопје го знаат како Хари. Завршил средно стручно училиште и е машинец. Знаењето што го стекнал го користел во повеќе фирми кадешто работел во минатото. Но, пред десетина години останал на улица.

„Сум знаел во моментите кога не сум имал каде да отидам, да видам среќни семејства како живеат, бидејќи им се запалени светлата по становите, да видам дека се радосни и весели и мене ми недостасуваше тоа мое семејство. И ден денес ми недостасува.“ кажа Хасан Аметовски, социјален случај.

Од Црвен крст и невладините ни кажаа дека 22% од населението немаат доволно оброци во денот.

„Бројките коишто ние ги користевме од Државен завод за статистика велеа дека има 445 илјади граѓани коишто живеат под овој праг на сиромаштија, а во 2017 година 460 илјади. Граѓаните коишто се сметаат како сиромашни од страна на државата – не можат да ги имаат сите оброци.“ кажа Блаже Јосифовски од Невладината организација „Сите сити“.

Овој пункт за бездомници на Црвен крст, веќе десетина година работи за да им го олесни секојдневието на оние коишто се на улица. Оттаму им даваат ручек двапати неделно, во среда и петок. Во зима кога е најладно, ги сместуваат во собите.

„Се наоѓаме во пунктот за бездомници во Момин поток. Тука има вкупно 32 кревети на двата спрата коишто се подготвени да ги примат сите оние бездомници коишто во зима доаѓаат да побараат покрив над глава. Но, бидејќи вработените овде ни кажаа дека секогаш доаѓаат многу повеќе бездомници отколку што пунктот има капацитет да ги прими, тие секогаш се приморани да поставуваат и душеци по подот за да ги примат сите оние кои доаѓаат во зима.“

На почетокот кога пунктот бил отворен, имало околу десет бездомници кои ги користеле услугите, јаделе тука и преспивале кога немале каде, а надвор условите биле сурови. Сега, доаѓаат многу повеќе на број.

„Можете да замислете после 10-11 години веќе бројката е 60 до 70 бездомници.“ кажа Драгана Лазаревска, координатор на пунктот за бездомници.

Но, во Момин поток немаа само тажни факти да споделат со екипата на Телма. Ни посочија и дека има 15 бездомни лица кои успеале да се реинтегрираат во општеството, да најдат работа и да живеат пристоен живот. И ден денес доаѓаат во пунктот, но само за да ги поздрават вработените таму и да испијат кафе со нив.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ