Забрането патувањето во 10 града во провинцијата Хубеи, во градот Вухан за 10 дена ќе се изгради нова болница

Кина ги прошири драстичните мерки за забрана на патувањето во провинцијата Хубеи , центар на епидемијата коронавирус, откако бројот на починати лица се зголеми на 26.

Овие рестрикции ќе опфатат најмалку 20 милиони луѓе во 10 града, вклучувајќи го и Вухан, каде првично и започна да се шири вирусот.

Во текот на вчерашниот ден, еден пациент заболен од коронавирусот починал во блиската провинција Хебеи, што е прв смртен случај надвор од провинцијата каде досега се ширеше епидемијата. Подоцна, уште еден смртен случај беше потврден и во северо-источната провинција Хеилоџијанг.  Овој регион се граничи со Русија и е оддалечен повеќе од 2 000 км од Вухан.

На национално ниво, во Кина има 830 потврдени случаи на пациенти инфицирани со вирусот.

Кинескиот град Вухан, кој е центар на епидемијата, започна да гради и болница каде ќе може да се сместат 1000 пациенти, заради стравувањата дека постојните болници нема да можат да се справат со очекуваното зголемување на бројот на болни луѓе.

Стану збор слична на болницата изградена во Пекинг, во екот на епидемијата на САРС во 2003-тата година.

Според локалните власти, болницата ќе биде готова во рекордно брз рок, до 3-ти Февруари и ќе биде изградена на 25 000 квадратни метри.

Оддалечена  околу 25 километри од Вухан, оваа специјална болница ќе биде составена од групи монтажни објекти, пренесе кинеска национална телевизија.

Строгите забрани за патување за жителите на 10 града се случуваат пред празнувањето на лунарната нова година, една од најзначајните дати во кинескиот календар, кога милиони луѓе патуваат во своите  домови.

Ограничувањата на патувањата варираат од град до град, иако во повеќето од нив суспендиран е јавниот транспорт.

Во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, целосно се суспендирани автобускиот сообраќај, подземната железница и превозот со ферибот, додека забранети се и сите авионски летови и брзи возови надвор од градот.

До жителите е испратен апел да не заминуваат од градот иако веќе има информации за огромни колони возила на повеќе автопати.

Последиците од стравот кој се шири заради коронавирусот не ги чувствуваат само жителите на провинцијата Хубеи.

Откажани се и бројни јавни настани во други делови од државата, вклучувајќи го и главниот град на Кина, Пекинг.

Градските власти во Пекинг и Шангај побараа од своите граѓани кои се враќаат од најтешко зафатените региони да останат во своите домови 14 дена за да се спречи евентуално ширење на вирусот.

Светската здравствена организација синоќа не го класифицираше вирусот како меѓународна опасност, делумно и заради малиот број потврдени случаи надвор од Кина, кој во моментов изнесува 13.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ