Вести Македонија Топ вести

Две децении најави за нов Клинички – во ветувањата се менува само локацијата

Бардовци, Ѓорче Петров, Касарна Илинден, постојната локација, просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“… Од најавите за изградба на нов Клинички центар во Скопје повеќе од деценија и половина се бара погодна локација.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази надеж дека новиот, како што рече, ултрамодерен Клинички центар ќе почне да се гради наредната година на локацијата пред базенот Борис Трајковски, кој со подземен премин под булеварот Илинденска би бил поврзан со Болницата „8 Септември“. Проблемот е што парцелата е приватен имот, па сега се преговара со сопствениците за државата да им понуди друга парцела во замена.

Изградбата на нов Клинички центар стана вечна тема на речиси секој министер за здравство и влада во изминатите две децении. Проблемот со сегашниот е што Клиниките се во посебни згради меѓу кои нема топли премини, како и локацијата во центарот на градот која е тешко пристапна во шпицот и има проблеми со паркинг.

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани, во чиј мандат од 2006 до 2008 година, почнаа плановите за преселба на Клиничкиот центар, вели дека локацијата кај Борис Трајковски е идеална од инфраструктурен аспект. Се надева дека конечно ќе се обистини.

„Ние треба да веруваме дека ќе се направи затоа што мора да се направи. Дали оваа влада сега, овој министер и овој премиер, или наредниот, не би знаел да кажам, меѓутоа дека ќе мора државата да направи нов Универзитетски клинички центар, тоа е јасно“, вели Селамни.

Тогаш младиот министер за здравство Бујар Османи во 2010 година најави изградба на нов Клинички центар во Бардовци – локација избрана од физибилити студијата која чинеше 200 илјади евра. Клиничкиот требаше да чини 450 милиони евра.

Три години подоцна, неговиот наследник Никола Тодоров најави нов Клинички центар на местото на постојниот, кој ќе чини вкупно 128 милиони евра. Требаше да биде готов до 2016, а министерството објави и рендери како ќе изгледа. Наредниот рок беше почеток во 2017, а завршување во 2021 година. Новиот објект требаше да се спои со дел од постојните објекти, а останатите да бидат урнати.

До промената на власта, проектот не беше почнат, па наредниот министер Арбен Таравари го укина, како парцијално решение.

Во 2020, Венко Филипче како министер за здравство најави нов клинички центар во Ѓорче Петров од 500 милиони евра, кој требаше да биде готов до 2024. Законот стигна во Собрание, но ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со илјадници амандмани.

Во 2022 година, на местото на Филипче дојде Беким Сали кој не го поддржа претходниот проект. Најави дека се разгледуваат три локации, меѓу кои и оваа кај болницата „8 Септември“, една во Ѓорче Петров и една кај касарната Илинден. Сегашниот министер Азир Алиу лани исто така рече дека во игра се три локации, а премиерот ја преферира оваа во Карпош.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Србинка на 58 години очекува тројка по ин витро во Битола

Tea Dimkovska

Трет обид за набавка на нови еколошки автобуси

Tea Dimkovska

Почина проф. д-р Драги Данев прв ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во самостојна Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе