Апелациониот суд во Скопје го забрани штрајкот на Струковиот синдикат на контролорите на летање. Синдикатот најави прес-конференција за утре, а адвокатот на М-НАВ вели дека и досегашните штрајкови на синдикатот на контролори на летање биле незаконски.
Тензиите меѓу М-НАВ и синдикатот на контролори на летање започнаа со најавата за петчасовен генерален штрајк во октомври минатата година, со кој ќе се затвореше македонското небо поради барања за подобри услови и департизација на институцијата.
Од синдикатот обвинуваа дека раководство прави нова систематизација за вработување на несуштински кадар, наместо контролори на лет, конкурс кој не се реализира и ќе пропадне. Граѓанскиот суд во Скопје го забрани штрајкот, но таа одлука падна на Апелација.
М-Нав потоа поведе судска постапка со која бараше да се утврди дека синдикатот на контролорите нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности.
Граѓанскиот суд го забрани штрајкот, а сега и Апелација ја потврди таа одлука.
Синдикатот најави прес-конференција за утре, а адвокатот на М-НАВ вели дека и досегашните штрајкови на синдикатот на контролори на летање биле незаконски.
„Со таквата пресуда, забраната за организирањето на штрајкот е правосилно пресудена работа. Напоменуваме дека судовите ги усвоија трите тврдења кои беа истакнати од страна на М-НАВ: дека штрајкот не содржи права за заштита на права од работен однос, дека штрајкот е закажан надвор од закон, односно без спроведување на задолжителна постапка за посредување и воедно дека ССКЛ воопшто нема правен легитимитет да истакнува барања за организирање на штрајк, односно дека како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски не може самостојно да истапува надвор од тој синдикат“, рече правниот застапник на М-НАВ Горан Николоски.
