По побараните оставки во врска со кочанската трагедија, премиерот одговори дека владата се бори да има одговорност и правда, но дека одредени политичари ја злоупотребуваат ситуацијата. Најави дека наскоро ќе го објават проектот за градот на кој работат заедно со ЕУ и побара да не се политизира случајот.
Жалам што одредени некрофили од политичките партии се обидуваат да добијат политички поени, мислам дека им се враќа како бумеранг и не им успева. Јас нема да го политизирам случајот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
По последниот марш на родителите на загинатите, во кој тие го изразија своето незадоволство од текот на истрагата, тој обвини дека едно граѓанско здружение за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење кое зборува за неисполнети ветувања во пресрет на локалните избори. Претседателот на СДСМ, пак, од Кочани го критикуваше за оваа реторика и обвини дека владата не може да се справи со последиците од трагедијата.
Прво – не испорача правда. Понатаму – не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот „Пониква“ за некаква рехабилитација. Во „Пониква“ не можеш ни на одмор да одиш, а не пак да третираш толку сериозни медицински состојби, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Владата најави дека одморалиштето на МВР „Пониква“, кое располага со 27 соби и капацитет од 56 легла, ќе биде адаптирано за рехабилитација на повредените, со обезбедување на дополнителен медицински кадар.
Далиборка Демјанска Цветановска