Вести Свет Топ вести

Масакр во училиште во Грац: Најмалку девет загинати, Австрија во шок

Масовно убиство со огнено оружје ја шокираше денеска Австрија. Најмалку 10 лица, од кои 7 се ученици, се убиени со истрели од автоматско оружје во средно училиште во градот Грац. Меѓу жртвите е и едно возрасно лице, професор во училиштето, лоцирано околу еден километар од историскиот центар на Грац.

Австриската полиција потврди дека животот го загубил и напаѓачот, кој најверојатно си го одзел животот откако го извршил масакрот и се заклучил во тоалет во училиштето.

„Утринава, околу 10 часот во полицијата добивме извештај дека повеќе истрели од огнено оружје се слушнале во зграда, училиште во населбата Драјер – Шуценгасе во Грац. Како резултат, започнавме со операцијата и ЕКО Кобра, нашата единица за специјални задачи, беше распоредена. Ситуацијата сега е безбедна, нема нова опасност за населението, но има повеќе жртви“ – изјави Сабри Јоргун, портпарол на полицијата во Грац.

Австриските медиуми информираат дека околу 30 луѓе, ранети во пукотниците се итно сместени на болничко лекување а неколкумина од нив се во критична здравствена состојба.

Австрискиот канцелар, Кристијан Стокер, го опиша нападот како национална трагедија кој ја шокирал целата нација и ја погодил во срцето.

„Овие жртви биле млади луѓе кои ги имале целите животи пред себе. Професорот, кој им давал насоки на тој пат“ – вели Стокер во своето соопштение.Европската комисија изрази жалење за ужасната и трагична вест од училиштето во Грац.

„Би сакале да изразиме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и градот Грац и заедно тагуваме со локалните жители, во очекување на јасни информации по овој страотен настан во училиште“ – рече Паула Пињо, портпаролка на Европската Комисија.

Масовните убиства со огнено оружје се честа појава во училиштата во Соединетите американски држави, каде генерално е многу лесно да се поседува огнено оружје, но не и во остатокот од светот.

Сепак, законите кои го регулираат поседувањето огнено оружје во Австрија, се генерално полиберални, во споредба со другите европски држави.

Секој европски граѓанин над 18 години, може да поседува пушка, иако треба да го регистрира тоа оружје кај надлежните, најмногу 6 недели по купувањето. Рачно оружје како пиштоли, револвери или полу-автоматско оружје може да купат само лицата постари од 21 година, кои имаат дозвола за поседување огнено оружје.

По правило, секој граѓанин кој сака да поседува оружје, треба да образложи зошто се одлучил да го купи, дали за лов на дивеч или потреба од само-одбрана. Психолошка проценка на купувачот на оружје може да биде побарана, но не е задолжителна. Според истражување од 2017-та година за бројот на луѓе кои поседуваат оружје, во Австрија има околу 30 парчиња огнено оружје на 100 жители, со што оваа држава е на 14-то место во светот по бројот на вооружено население.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Клековски: Очекуваме експерт за ампутации од Словенија за повредените во Кочани

Дејан Дејан

Израел и Иран ги интензивираа меѓусебните напади

Дејан Дејан

Ги имало многу, материјалните трошоци се зголемиле, а 27 години работеле со фиксни тарифи – нотарите бараат покачување на цената за основните заверки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе