Кадарот и возилата и оваа година остануваат болна точка во противпожарната бригада. Се прават надчовечки напори за да се справиме со огнените стихии кои особено во летниот период најчесто голтаат и цели планини. Околу 200-те вработени и голем број возила и се потребни на скопската бригада, вели командирот Звонко Томевски. Очекува Дирекцијата за заштита и спасување да има поголемо разбирање за потребата на сите единици и да набават поголем број противпожарни возила.
„Пожарите се секојдневие не се кризна состојба. Тие се случуваат секојдневно, така што и онаа статистика која ја имаме веќе имаме показатели дека бројот на пожари рапидно е зголемен во првите шест месеци, имаме некаде околу 700 интервенции што е над просекот за за минатите 10 години“, вели Звонко Томевски командир на противпожарна бригада Скопје.
Претходно и Центарот за граѓански комуникации алармираше дека во државата недостасуваат 340 пожарникари. Најголем број се потребни во главниот град, потоа во Куманово, Битола,Тетово и Прилеп.
Истражувањето покажало и дека не биле доволни ниту возилата, а од оние ште биле во функција имало и стари по повеќе од 27 години. Најстари се возеле во Крива Паланка, Валандово, Кратово и Старо Нагоричане.
Оние општини кои ја сфатиле сериозноста набавиле нови возила, но со просечна старост од 12 до 22 години, објави тогаш Центарот.
На скопските пожарникари денеска им се приклучија 32-ца нови колеги кои ќе почнат со работа на терен за една недела, а ќе може да помагаат за пожари кон крајот на август. Освен нови вработувања скопската бригада денеска доби и ново возило за гаснење на пожари.
Овој дрон треба полесно и побрзо да се справи со предизвиците.
„ Дронот генерално е спремен. Учестуваше во некои тестови . Во моментов ги дефинираме безбедносните протоколи за употребата на дронот. Извршени се целосните истражувања за неговата брзина на интервенција и применливост. Веруваме дека дронот за не повеќе ои две недели ќе биде во функција во бригадата“, вели Влатко Николовски координатор на проектот.
За тоа колкуе важна интервенцијата на пожарникарите покажа и последниот случај кога се запали дискотеката Пулс во Кочани. Пожртвувани и храбри се обидоа да спасат голем број млади животи, а освен изгорениците и проблемите со дишните патишта, кај нив остана врежан и шокот што го доживееа. На помош дојдоа и пожарникарите од градовите од истокот.
Симона Петровска