Фросина, Теодора, Викторија… Речиси секојдневно некој го губи животот на македонските улици и патишта. Само во периодот од 2020 до 2023 година во сообраќајни несреќи во Македонија загинале 457 луѓе.
Државниот завод за ревизија констатира дека мерките што ги преземаат надлежните, иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот, сепак не се ефикасни за намалување на жртвите од сообраќајки до посакуваното ниво.
Ревизорите констатирале дека не се исполнети целите поставени во Стратегијата за безбедност во сообраќајот 2015-2020. Бројот на жртви не е намален до европскиот просек, бројот на повредени не е намален за 40 отсто како што е предвидено, и не е постигната целта да не гинат деца во сообраќајки.
„За периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзина реализација“, наведува Државниот завод за ревизија.
Од 2020 година не е донесена нова стратегија за безбедност во сообраќајот.
Во Македонија на патиштата се гине и за 50 отсто повеќе отколку во Европската унија. На пример, во 2023 година во ЕУ имало 46 загинати на еден милион жители, а во Македонија гинеле по 69 луѓе. Слична е состојбата и во претходните години.
Сепак, Македонија е меѓу побезбедните во регионот. Само во Косово се гине помалку во сообраќајки. Во Црна Гора има по 153 жртви на милион жители, во Албанија 80, Босна и Херцеговина 72, Србија 71, Македонија 69, а Косово 61.
Собранието од 2008 година нема донесено Стратегија за развој и одржување на државните патишта.
Ревизорите констатирале дека и покрај тоа што се трошат пари, патиштата имаат лоша сигнализација и не се одржуваат како што треба, што го зголемува ризикот од несреќи.
Генералниот секретаријат на Владата во 2020 набави софтвер и опрема за 7,3 милиони денари за зголемување на безбедноста во сообраќајот, но никој не ги користи.
Системот Сејф сити, односно камерите за следење на сообраќајот во Скопје функционираат, но не се користат за казнување зашто нема закон. Во МВР велат дека законските измени ќе се направат годинава, а со казни ќе почне од почетокот на наредната година.
Срѓан Стојанчов