Велика Британија не сака ескалација на трговската војна со САД, изјави британската министерка за финансии, Рејчел Ривс, додека Франција и Германија побараа силен одговор од Европската Унија (ЕУ) на новите американски царини што ја погодуваат европската автомобилска индустрија.
„Трговските војни не се добри за никого. Во моментов не сме во позиција да преземаме некакви мерки кои можат да доведат до ескалација“, рече министерката Ривс за „Скај Њуз“.
Од друга страна, германскиот министер за економија Роберт Хабек оцени дека воведувањето царини за увозните автомобили, што вчера го најави американскиот претседател Доналд Трамп бара одлучен одговор од ЕУ.
„Сега е важно ЕУ силно да одговори на овие царини. Мораме јасно да покажеме дека нема да прифатиме такви мерки без реакција“, рече Хабек, додавајќи дека ЕУ треба да бара решение преку преговори.
Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард изрази надеж дека ќе разговара со САД за пониски царини „што е можно поскоро“.
„Ова е многу лоша вест и единственото решение засега е Европската унија да ги зголеми царините“, рече Ломбард.
Трамп вчера најави царини од 25 отсто за увезените возила, што ја прошири глобалната трговска војна и предизвика критики и закани за реципрочни мерки од засегнатите сојузници на САД.