Четири пациенти од Шпанија и еден од Грција вечерва ќе се вратат во земјава. Петтемина пациенти се со изгореници и веднаш ќе бидат прифатени во клиниките во земјава.
Министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција најави дека до крајот на неделата ќе се вратат уште седум до девет пациенти, кои се лекуваат во болниците во странство по несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Наплив на пациенти кои ќе се враќаат од болниците во странство се очекува наредната недела. За некои пациенти со оглед на повредите ќе треба и подолг временски период за рехабилитација.
Со враќањето на петтемина пациенти во текот на денешниот ден во странство ќе останат да се лекуваат 108 пациенти. Четворица од нив се во критична состојба.
Изминатите денови на домашно лекување од болниците во Скопје се пуштени 20 пациенти, а 23 остануваат на клиниките, кои се во добра и стабилна состојба и наредните пет до шест дена, министерот Таравари ќе информира кога ќе си заминат дома.
Инаку, Дарко Стојанов кој беше еден од повредните во кочанската болница, а вчера се врати како прв пациент од Белград денеска во својот фејсбук статус напиша дека неговата здравствена состојба е добра, дише благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал на КАРИЛ, а како што вели не постојат зборови со кои можи да се заблагодарам на целиот персонал од Клиничкиот центар во Србија.
Моите деца сѐ уште имаат татко благодарение на докторите, и НЕВЕРОЈАТНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И ТЕХНИЧАРИ од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. БЛАГОДАРАМ СРПСКИ НАРОДЕ, напиша Стојанов на социјалните медиуми, кој се заблагодари и на македонските здравствени тимови и институции.
Викторија Јованова Димитровска