Вести Свет Топ вести

Имамоглу и формано уапсен – ќе биде во притвор до судењето за корупција

По приведувањето во средата и петчасовно сослушување вчера, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу синоќа и формално беше уапсен. Судот во Турција соопшти дека тој и уште најмалку 20 лица се притворени во истрагата за корупција и до судењето ќе останат зад решетки. Допрва се очекува да се донесе посебна одлука и за истрага поврзана со тероризам. По одредување на мерката притвор, Имамоглу се огласи преку социјалните мрежи. Во објава на платформата „Икс“ порача дека нема да потклекне и ги повика луѓето да излезат на улица.

„Ние заедно, рака под рака, ќе го искорениме овој удар, оваа црна дамка во нашата демократија. Стојам исправено, нема да потклекнам. Турција утрово се разбуди пред големо предавство. Судскиот процес не е судски процес. Тоа е целосна вонзаконска егзекуција. Денеска е ден да преземеме одговорност пред оние кои ја украдоа волјата на народот и да се приклучиме во борбата“.

Имамоглу важи за најсериозен политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а последните потези на турските власти се очекува да поттикнат и најмасовни протести во земјата во изминатите 10 години. Дел од неговите поддржувачи изразуваат загриженост за демократијата во земјата, за владеење на правото, а апсењето го оценија како „неправда“.

Опозициската Народна Републиканска партија, пак, не губи време. Денеска почна со прелиминарни внатрепартиски избори, на кои право на глас имаат милион и половина делегати, за поддршка на Имамоглу како претседателски кандидат.

Турското министерство за внатрешни работи предупреди на нулта толеранција за „хаосот и провокациите“ за време на протестите. Претседателот Ердоган, пак, ги критикуваше апелите за протести по апсењето на Имамоглу и најави дека државата одлучно ќе одговори на протестите.

Ердоган доминира во турската политика од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година и како претседател. Во тој период ја предводеше неговата Партија на правдата и развојот до изборни победи. Неговите критичарите сметаат дека во последната деценија ја зацврстил својата контрола на штета на турската демократија, давајќи го водењето на државата на негови лојални луѓе.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Јон Вардар против галаксијата“ премиерно прикажан во Москва

Дејан Дејан

Најмалку 90 лица загинаа во израелските напади врз Газа во последните 48 часа

Дејан Дејан

Во Рим денес продолжуваат преговорите за иранската нуклеарна програма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе