Денеска е последниот транспорт на повредени во странство, а хоспитализираните се во стабилна состојба. Овие најнови информации утрово ги сподели министерот за здравство, Арбен Таравари.
Шеесет и четири пациенти се во болниците низ државата, 13 во приватните клиники, а 101 лице се третира во странски медицински центри.
Во моментот во Клинички центар има 35 пациенти, од кои на КАРИЛ се сместени шест повредени лица и еден е за транспорт, на Детска хирургија – четири, на пластична хирургија – шест пациенти, на Трауматологија – двајца пациенти, на Торакална и васкуларна хирургија – четири пациенти, на Токсикологија – 10, на Пулмологија – двајца, на Офталмологија – еден пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ се сместени 15 пациенти од кои двајца денеска ќе бидат транспортирани за Шведска, во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се 11 пациенти, а во Клиничка болница Штип – тројца пациенти од кои двајца денеска се пуштаат на домашно лекување.
Директорот на Фондот за здравство денеска информираше дека од утре, фокусот се става на планирање на следните чекори. На Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават планови за пациентите кои треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгорено ткиво.
Во моментов, пациенти од Кочани има низ 12 земји и во над 25 болници. Денеска, бројот може да порасне на 14 земји.
Петар Догов