Родена во 2012 година, таа требала да има ист почеток како и секое друго дете. Но, наместо тоа, растела без идентитет, без можност да се запише на училиште, без пристап до здравствена заштита, невидлива за системот. По речиси 13 години правна борба, конечно, доби извод од матичната книга на родени, стекнувајќи го своето основно право да постои пред институциите. Нејзината баба не ја криеше среќата за тоа што внуката дури сега во тинејџерските години се запиша во книгата на родени. За неа нов почеток и можност да тргне на училиште.
„Немаше извод 12 години. Дури сега, после толку многу време, благодарение на народниот правобранител успеавме да извадиме извод за внука ми. Јас сум многу среќна и благодарна за помошта“, кажа Ѓулизар Сулејман, баба на девојчето.
Проблемот настанал бидејќи таткото не живее во државата, а мајката не успеала веднаш да го пријави раѓањето на детето. Девојчето веќе три години оди во дневниот центар во Шуто Оризари, од каде исто така помогнале во процесот.
„После 12 години девојчето, конечно, може да ги користи сите права кои нашата држава може да и ги овозможи. Претходно не можеше да користи здравствена заштита и сите останати задолжителни права“, вели Мерима Физулаи, раководителка на дневниот Центар во Шуто Оризари.
Нејзината мајка со години се обидувала да ја среди документацијата, но наидувала на бирократски ѕид. Наместо едноставно решение, службениците и барале дополнителни документи, комплицирајќи ја постапката. Помошта стаса од народниот правобранител.
„Според информациите кои ги добив од вработените кои работеа на овој предмет и тие се соочиле со низа неправилности при негово решавање. На пример, им било посочено дека странката треба да побара и достави еден куп документи за да на крајот излезе дека било потребно само да се обезбеди податок од Клиниката за гинекологија и акушерство каде што детето е родено“, изјави народниот правобранител, Насер Зибери.
Народниот правобранител Насер Зибери предупредува дека ова не е изолиран случај. Од 2021 година, по законските измени, околу 400 „невидливи лица“ побарале изводи од матичната книга на родени, но процесот е бавен. Од 700 пријавени случаи, 400 лица поднеле барања за регистрација, а од нив, само 60 досега успеале да добијат матичен број, што според Зибери покажува дека системот не функционира ефикасно. Тој најави дека ќе препорача Управата за водење на матични книги да биде поажурна во решавањето на овие случаи, бидејќи за стотици други борбата по идентитет продолжува.
Тамара Марковска