Партиски или владин карван? – Си врви, од ден во ден во секоја оопштина, на чело со министерот Перински, но без одговор дали слуша општински проблеми или си тера кампања за прв човек на Скопје. Перински не ја крие амбицијата за „татко на градот“, продолжува со теренски активности насловени „Каде што срцето е дома“. Јавноста прашува „дали со овие активности, министерот прави предвремена изборна кампања, тој, пак, се брани, „обврска е да ги посетам општините“.
„Точно е дека некој на ова гледа како почеток на предизборна кампања, но јас не се согласувам со таа констатација, затоа што обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи и да го види нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите. Јас искрено жалам што ова министерство во изминатите години не беше визибилно и не беше на висина на задачата, иако како ресор е исклучително битен во рамките на функционирањето на Владата, затоа што тангира две многу битни и суштински теми, а тоа се локалната политика и регионалниот развој. Доколку овие две материи не се третираат соодветно, ќе ни се случува тоа што се случува – половина Македонија да доаѓа во главниот град, а 70 посто од територијата да се празни“, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.
Во меѓувреме, Перински работи и на измени на Законот за локална самоуправа со кои се планира отповикување на градоначалници, а во тек е и вториот јавен повик за финансирање на проекти на општините.
„Согласно вчерашниот ден, имаме добиено 35 апликативни формулари од шест локални самоуправи, така да очекувам во периодот кој што следи интензитетот да се зголеми“, додава Перински.
„Исклучително сме задоволни од соработката и проектите кои што ги добивме од првиот повик. Се спремаме сега и за проектите на вториот повик. Набрзо ќе аплицираме и во овој дел“, рече Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински неколку пати јавно ги искажа своите амбиции за потенцијален кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во рамки на теренските активности по општините, министерот и неговиот заменик, деновиве беа во посета на општините Аеродром и Гази Баба, а денеска и во општината Ѓорче Петров. Преку карванот „Каде што срцето е дома“, министерот треба да се запознае со предизвиците и потребите на градоначалниците, советот, но и на граѓаните.
Симона Петровска