На Клиниката за онкологија во моментов недостасува само еден лек, кој, според надлежните, треба да пристигне до крајот на неделата. Недостатокот на терапија претходно создаде неизвесност, но решавањето на овие проблеми им дава надеж на пациентите дека во иднина ќе се избегнат вакви ситуации.
Пациентите се надеваат дека оваа година нема да се соочуваат со недостаток на терапија, туку ќе можат да се фокусираат на превенцијата и едукацијата. Нивната цел е да се подигне свеста кај граѓаните за важноста на навременото откривање на болеста и можностите за заштита.
„Денес ја добивме информацијата дека недостасува само уште еден лек кој поради дистрибутивни причини не е стигнат на Клиниката за онкологија. Јас се надевам дека тоа ќе биде последен пат каде што дискутираме за недостатокот на лекови. Денес ни беше кажано дека до крајот на оваа недела и тој ќе пристигне“, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент.
Денес се одбележува Светскиот ден за борба против ракот. По тој повод претседателката на здружението ХЕМА-ОНКО, Лидија Пецова, изрази надеж дека надлежните институции ќе ги реализираат најавените системски промени.
„Мора да се почне од негде, од скрининг програма до пристап до лекови и соработка со организации. Цел систем на промени треба да има за да има подобрување“, вели Лидија Пецова, претседателката на Здружението ХЕМА-ОНКО.
„Најважно во оваа битка е храброста“, порача онколошката пациентка Анжелика Колева, охрабрувајќи ги сите кои се соочуваат со оваа болест.
„Сами се носиме со сè ова, за што треба исклучително голема храброст за да можеме да го пребродиме и да живееме и опстојуваме понатаму“, порача Анжелика Колева, онколошки пациент.
Пред две недели на Клиниката за онкологија имаше недостиг на биолошка терапија. По десетина дена пристигнаа два лека, а наскоро беше обезбеден и остатокот од терапијата. Сега недостига само еден лек, чија испорака се очекува до крајот на неделата. Надлежните уверуваат дека во иднина нема да има недостиг на биолошка терапија на Клиниката за онкологија како и децентрализација на услугите.
Тамара Марковска