Агенцијата за национална безбедност одново во трага на терористичка ќелија. Тајните агенти следеле и денеска уапсиле четири лица од Скопје и Гостивар и, откако со МВР и обвинителството упаднале во домовите, пронашле калашњиков, пиштол, но и пропагандни материјали за регрутирање нови челнови за идни терористички планови.
Во официјалното известување од обвинителството се потврдува дека акцијата е резултат на преземените дејствија на лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
Надлежниот обвинител отвора истрага, бидејќи се сомнева дека сториле кривично дело терористичка организација, а побара и доби од судот 30 дена притвор за сите четворица. Од иста ваква Телеграм група и во декември беа откриени и уапсени четворица потенцијални терористи, кои освен што регрутирале, планирале и терористички напади.