Истрагите за јазичниот сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски и за странските пари за „Соравиа“ на Дрин Ахмети се активни и сè уште се чека меѓународна правна помош од Бугарија и од Америка, рече денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Антикорупциска комисија пред Нова Година го прогласи досието на директорот на тајната служба за чисто, и покрај сертификатот од јазично школо кое не постои во Бугарија, но обвинителството е „поупорно“ и чека и бугарските колеги да проверат дали ТОЕФЛ документот е издаден законски или не постои, како што скопскиот суд веќе утврди за два такви сертификати на две директорки кои признале дека не полагале во школото Јулија во Пловдив, туку си ја купиле дипломата.
Додека МВР проверува дали има уште неколку стотина лажни јазични сертификати меѓу функционери во администрацијата, обвинителството чека и одговор од САД за парите кои се пласираат при купување на Соравиа центарот. Главниот играч во зделката, Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за КОД на Телма тврдеше дека парите се чисти, дека Америка му дала жителство во октомври лани и дека чичкото од Зајас нема никаква врска со купувањето на „Соравиа“ што според него ќе заврши за неколку недели. Обвинителството чека и потсетува дека има две истраги.
Артан Груби е во бегство, но активности во истрагата за Лотарија се спроведуваат, рече Коцевски. Се прибираат информации и за случајот од црната листа на САД за мито, кога беа посочени и судијата Енвер Беџети и Сашо Мијалков. За предметот за масовното нелегално прислушување кој стоеше во фиоките на скопска Апелација, Стејт департментот го напиша последното македонско поглавје на американската „црна листа“. Државниот обвинител не посочи дали барале информации од Америка и какви активности се преземени, особено во делот на финансиски истраги.
Миомир Серафиновиќ