Обвинителството побара, а судот одреди притвор за членовите на криминалната банда приведени под сомнение за неовластена трговија со дрога.
Кривичен определи мерка притвор во траење од триесет дена за Раде Трајковски – Штекли, познато име во скопското подземје како и осум други кои беа приведени во акцијата на МВР и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Еден од приведените доби мерка Куќен притвор, а прифатен е предлогот и за притвор против две лица кои во моментов се во бегство. Мерката ќе биде спроведена веднаш штом бидат пронајдени и лишени од слобода, се вели во соопштението на скопскиот Кривичен суд.
„Судот го прифати предлогот и им определи мерка притвор на девет лица во траење од 30 дена, поради опасност од бегство, околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото“, се вели во дел од соопштението на Основен кривичен суд Скопје.
При претресите во Скопје и Гевгелија, Одделот за специјални полициски операции одзеде дрога, пари и оружје на криминалната група. Станува збор за сума од околу 10.000 евра, четири возила, десетина мобилни телефони, пиштол, семки и растителна материја со зелена боја за кои има сомнеж дека се наркотични, како и предмети за производство и пакување на дрога. Сето ова ќе биде дел од доказниот материјал.
Лицата опфатени во истрагата се сомничат дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според член 215, став 3, во врска со став 1. За ова дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Според информациите, Раде Трајковски-Штекли наводно се подготвувал да избега, кога полицијата го уапсила во близина на хотел во Гевгелија. Во изминатиот период имаше три обиди за ликвидација на овој член на криминалното подземје.
Петар Догов