Зголемен број на амбулантски прегледи на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“. Сепак станува збор за состојба која е во рамките на нормалата за овој период на годината, велат педијатрите. Најчеста причина е грипот и РСВ инфекција кај помалите деца. Во моментов не се загрозени болничките капацитети.
„Во нашите амбуланти дневно пристапуваат од 150 до 200 дечиња за преглед. Дел на термин, дел во приоритетните амбуланти, дел во текот на дежурството. Поголемиот дел со вирусни инфекции со горно респираторни симптоми, дел со долнореспираторни. Од тие што се со потешки долнореспираторни симптоми бараат и болничко лекување. Во моментов во болницата лежат 70 дечиња, две се со интензивни листи, но без потреба од кислород“, изјави спец. д-р Олга Спасова од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“
Висока температура, главоболка, замор и општа слабост, болки во мускулите, суво грло и кашлица се најчестите симптоми кај возрасните. Расте бројот и на амбулантски прегледи на Инфективната клиника, што е сосема нормално во сезона на грип, вели доктор Фадил Цана.
„Во текот на изминатото деноноќие на Инфективна клиника се јавија многу пациенти, но не со симптоми на грип. Само 19 пациенти со грип, а имало 100 пациенти значи со други патологии“, вели д-р Фадил Цана, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
Запрашан колку пациенти се хоспитализирани, тој одговори:
„Вкупно на клиника има 12 пациенти, кај 10 од нив е потврдено присуство на инфлуенца. Претежно тоа се пациенти со коморбидитети и од повозрасната генерација“.
Лекарите со апел за почитување на превентивните мерки. Да се одржува хигиена, да се избегнуваат поголеми собирања во затворени простории и задолжително носење на маска, доколку се забележат симптоми. Луѓето со ослабен имунитет треба да бидат посебно внимателни затоа што кај нив грипот може да предизвика дополнителни компликации.
Нина Стефанова