По отварањето на случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, обвинителството отвори предмет, а денеска по повеќе јавни написи, тврди дека УЈП дури вчера им одговорило на обвинителските барања. Даночната управа им пратила дел од бараните податоци вчера попладне односно на крајот на работната недела, во петок, и по крајот на работното време, околу 17 часот.
-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи во рамките на предистражната постапка, во септември минатата година, непосредно по отворањето на предметот, достави наредби и барања до УЈП со кои побара доставување на записниците од спроведените контроли на инспекциските служби на Управата во предметните правни лица, велат од обвинителството.
Според нив до вчера им било доставено само едно УСБ на обвинителите кои во 90% биле ослободителни, тврдат од ЈОРМ.
-Од септември до вчера, до надлежниот јавен обвинител УЈП достави еден мемориски уред (УСБ) со податоци за извршени контроли во кои во 90 % од спроведените надзори не биле евидентирани недостатоци и за кои според УЈП нема законски основ за преотворање на контролните постапки, велат од обвинителството.
-Вчера околу 17 часот службите на УЈП за првпат доставија официјално дел од документацијата која предметниот обвинител ја побара, со што делумно е постапено по наредбите и барањата на обвинителството. Доказниот материјал допрва треба да биде предмет на анализа и на утврдување на евентуално предизвиканите штети, стои во реакцијата на јавното обвинителство.
Обвинителството реагираше откако вчера вечер повеќе медиуми објавија дека токму обвинителството ја кочи истрагата. Од ОЈОГОКК негираат и тврдат дека надлежниот јавен обвинител „во повеќе наврати бараше забрзување на постапката за прибирање и доставување на бараната документација.“
За Крмзов се уште се активни мерките на претпазливост, одземена му е патната исправа и истото има обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган. Досега обвинителството не добило никаква информација од надлежните дека тие мерки на претпазливост се прекршени.
Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев е осомничен во финансиска истрага со наводи за евентуална злоупотреба и малверзации за над 65 милиони евра. Не е познато дали такви податоци има и во списите кои вчера попладне од УЈП биле испратени во обвинителството.