Многу политички прегратки, партиска „љубов“ и обвинувања со етнички и корупциски предзнак разменија трите најголеми партии. ДУИ го обвинува СДСМ дека тргнал во реализација на како што велат планот Мицкоски-Заев за да ги маргинализираат Албанците во општеството.
-Наместо да се бори против актуелната власт, СДСМ се однесува како „заробена“ партија, која не се осмелува вистински да ја предизвика Владата, туку само ја легитимира со своето молчење и согласност. Оваа трансформација не е случајна. Необјавениот договор меѓу Мицкоски и Заев, со посредство на олигархот Ангушев, има јасна цел: да обезбеди имунитет, во замена за власт што ќе го елиминира политичкото влијание на Албанците. Зарем не е токму ова причината зошто СДСМ не се спротивставува на засилувањето на елементите на „српскиот свет“ во Македонија?, соопштија од ДУИ.
Доскорешниот партнер на ДУИ, СДСМ со контра обвинувања дека партијата на Али Ахмети врши напад врз Бихаќка за да ги прикрие сопствените договори со ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите го поздравија потегот на Али Ахмети и неговите приврзаници кои го избришаа воинственото видео за непобедливиот командант од Мала Речица. ДУИ признаа дека згрешиле, тврди СДСМ и негира дека работи против Албанците.
-Со своите неодговорни политики, ДУИ му овозможува на ВМРО-ДПМНЕ дополнително да ја дестабилизира ситуацијата и да профитира политички. Нивната соработка е повеќе од очигледна – заеднички гласаат во Собранието, ДУИ им обезбедува Бадентерово мнозинство, па се до последните скандали, како слободното пуштање на Артан Груби преку границата, се јасен доказ за тоа, рече Агрон Демири, член на Извршен одбор на СДСМ.
Груби е и СДСМ, одговараат од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ која не ги коментира наводите за нивна соработка со политичките конкуренти туку ги обвинуваат и двете партии за криминал и корупција.
-Со што ги држел Артан Груби СДС и ДУИ па никој не смеел да му застане на патот? Дали уште СДС се уценети од Груби и затоа не смеат да се откажат од него и со што? Жално е да се гледа како СДС се претвори во партија на уценети политичари, кои заради свој личен комодитет ја уништуваат опозицијата, рече Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
По интерпелациите на двајца министри и заменик министер кои не поминаа во Собрание синоќа, главните опозициски актери СДСМ и ДУИ продолжија со препукувањата кој работи со ВМРО-ДПМНЕ откако преку интервју, Филипче објави раскинување на претходната 7-годишна соработка.
Миомир Серафиновиќ